ДУИ го повлекува кампот од кружниот тек во Општина Бутел каде што се наоѓаше темелникот за крстот.
Одлуката ја соопшти Изет Меџити кој кажа дека тоа го прават поради утрешниот празник Задушница со цел да не дојде до никаков конфликт со оглед дека ќе проаѓаат многу жители од Скопје кон гробиштата.
Меџити кажа дека проблемот кој настана за локацијата на крстот ќе се решава во духот на Рамковниот договор.
Потпретседателот на ДУИ и градоначалник на Чаир, Изет Меџити вели дека ќе продолжат да се бараат понатамошни решенија преку демократски форми.
Тој појаснува дека бил постигнат институционален договор со посредство на меѓународната заедница за почитување на бадентеровиот принцип, но не даде јасен одговор на прашањето дали тоа значи дека ќе се подига крстот или изградбата ќе биде откажана.
Претходно, на улицата помеѓу Бутел и Радишани се собраa контрадемонстранти кои сакаа да се приближат до местото каде што протестира ДУИ. Полицијата ги спречи да се приближат до местото, по што демонстрантите почнаа да фрлаат со камења и шишиња кон нив.
Ситуацијата таму беше тензична, но откако увидоа дека не можат да го разбијат полицискиот кордон, демонстрантите почнаа да се повлекуваат. Неофицијално, тројца полицајци биле повредени, а дел од нив носеа и искрешни штитови кон полициските возила.
Демонстрантите од ДУИ пак, во камповите пуштаа музика и палеа оган. Тие ги спречуваа медиумите да снимаат во кампот, а полициското присуство таму беше двојно помало отколку кај контрадемонстрантите.
Александар Тодески