Ја извршив својата граѓанска должност, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети по излегувањето од Специјалното јавно обвинителсво, каде денеска беше повикан во својство на сведок.
– Одговорив на поканата на СЈО, кое е формирано со волјата на сите политички партии, за да се расветли вистината и сето тоа што се случува во РМ. Јас гласав во Собранието за основање на оваа институција, СЈО и воопшто не сум ја избегнувал поканата. Сега сме во предистражна постапка, бараме институциите за владеење на правото да постапуваат независно, без емоции и без етнички предрасуди и да се делува во насока на имплементирање на законите, бидејќи само така може да одиме напред, рече Ахмети.
Тој на новинарско прашање дали бил повикан како сведок за случајот со уривњето на „Космос“, не сакаше да прецизира за што се однесувал распитот.
– Не е коректно во предистражна постапка да се кажуваат детали, рече Амети
Тој не коментираше и дали бил прашуван за други случаи во надлежност на СЈО.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети во придружба на шефот на кабинетот, Артан Груби, во СЈО се задржа два и пол часа.
Ахмети беше повикан кај специјалната обвинителка Катица Јанева во својство на сведок, во предистражна постапка. Од Специјалното обвинителство не потврдија дека Ахмети ќе сведочи за случајот „Космос“.
Случајот „Космос“ беше дел од прислушуваните разговори, што минатата година ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, каде поранешниот премиер Груевски и поранешниот министер Јанакиевски разговараат за уривање на објектот во сопственост на бизнисменот Фијат Цановски.
А.Б.