Нови 12 наслови од проектот на Владата за превод на илјада стручни книги од кои се учи на 10-те највисокорангирани универзитети во светот беа промовирани денеска, со што вкупно 957 книги од стручна литература досега се преведени и отпечатени.
Новите наслови се од областа на фармацијата, медицината и стоматалогијата, земјоделството и ветерината, туризмот, биотехничките науки, архитектура и градежништво, машинство и електротехника.
Заменик-министерот за образовавание и наука Спиро Ристовски на денешната, 59-та промоција од почетокот на проектот во 2009 година, истакна дека Владата и МОН го продолжуваат проектот се додека, како што рече, во целост не се промени сликата од минатото, кога студентите се соочуваа со потешкотии во обезбедувањето на потребната литература, воопшто немаа или учеа од застарени учебници.
– Овој благороден проект нема за цел да остварува профит, туку целта е студентите да имаат лесен пристап до современа стручна литература на мајчин јазик, што на свој начин ќе ја поттикне нивната иновативност и конкурентност на пазарот на тудот. Ова се придобивки кои во иднина ќе се чувствуваат во сите сегменти на општеството, рече Ристовски.
Книгите од проектот се достапни за користење во Читалната „1000 книги“ во Градскиот трговски центар, а во 2017 година читални за едициите од овој преокт, како и од проектите на Министерството за култура, ќе бидат отворени во Струмица, Велес и Аеродром.
На промоцијата присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој го иницираше проектот за превод на стручни книги пред седум години.
– Проектот е доведен кон самиот крај. Очекуваме до ова лето да се завршат планираните илјада книги, а потоа да се премине на останатите, бидејќи во меѓувреме проектот се прошири од илјада на илјада и двесте, рече Груевски.