Вработувањата во компаниите кои се отворени од страна на странските инвеститори одат добро и невработеноста се намалува. Само во јануари 400 нови лица се вработени во компаниите отворени од странските инвеститори, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
– Тоа е одличен почеток затоа што оваа година ќе се вработува и кај оние инвеститори кои веќе инвестирале во минатото, но и кај новите инвеститори коишто сега ги градат своите капацитети, изјави Груевски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека минатата година во компаниите кои се отворени од страна на странските инвеститори се вработиле 6.700 лица и изрази надеж дека годинава нивниот број ќе се зголеми.
– Имајќи го налетот на странските инвестиции што го направивме благодарение на новите политики што ги воведе Владата, се надевам ќе имаме уште поголем број на вработувања во компаниите со странски инвестиции затоа што доаѓаат нови инвеститори и затоа што старите инвеститори се задоволни и ги прошируваат своите капацитети. Некои, пак, коишто имале тригодишни планови сега ги дополнуваат своите капацитети согласно нивниот претходен план, посочи Груевски.
Додаде дека ќе продолжат со создавање поволни услови за правење бизнис со кои ќе продолжат да привлекуваат и странски и домашни инвеститори, а со тоа ќе се отвораат и нови работни места за граѓаните.