Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Филипо Гранди изјави во Атина дека една од неговите најголеми грижи е тоа што Европската унија не ги спроведува важните решенија, донесени минатото лето во врска со бегалската криза, како што се програмите за пренесување на бегалци од Грција и Италија во други земји, пишува весникот „Та неа“.
Гранди предупреди на опасноста, напоменувајќи дека само неколку стотини бегалци заминале во други држави.
– Истовремено гледаме дека многу држави во Европа ги затвораат границите и поставуваат препреки пред бегалците. Доколку не отвориме други патишта за да им помогнеме на бегалците, со други алтернативи, проблемот ќе стане посериозен, рече Гранди.
Тој изрази загриженост за тоа што може да се случи во Грција, доколку продолжи праксата на затворени граници од други држави.
– Тоа може да предизвика безизлезна ситуација во Грција. Тогаш таа ќе треба да се справува со контрола на многу поголем број бегалци, додаде Гранди.