Таксистите и приватните автобуски превозници од општина Гевгелија, го ставија во мирување протестот со кој бараа да бидат вклучени во превозот на мигрантите од Гевгелија кон Табановце и од денеска нема да го блокираат граничниот премин „Богородица“, соопштија утрово од здружението на таксистите.
– Сакаме да дадеме свој придонес во справувањето на безбедносните сили со бегалската криза и затоа одлучивме времено да прекинеме со протестот и да овозможиме службените лица што не обезбедуваа и го регулираа сообраќајот, да бидат ангажирани во обезбедување на границата доколку е потребно, рече претседателот на гевгелиските таксисти,Миле Ангелов.
Тој посочи дека таксистите и приватните автобуски превозници нема да се откажат од барањето да превезуваат мигранти рамномерно со МЖ и дека неговото остварување ќе го бараат институционално.