„Убер“ ја пушти во употреба првата услуга со самоуправувачки такси-возила во Велика Британија. Засега, низ Лондон ќе сообраќаат 15 автономни електрични автомобили „Форд мустанг“, опремени со технологија на британската компанија „Вејв“.
Иако возилата самостојно управуваат, во секое од нив има лиценциран возач задолжен за безбедноста, кој може да ја преземе контролата доколку се појави проблем. Цената на возењето е иста како кај вообичаените услуги на „Убер“, а корисниците можат да прифатат или да одбијат роботакси доколку им биде понудено преку апликацијата.
View this post on Instagram
Новинарка на Би-би-си, која прва ја испробала услугата, раскажува дека автомобилот без проблем минувал низ сообраќајниот метеж, семафорите и патните работи, па дури и правилно реагирал кога велосипедист му дал знак да продолжи.
Сепак, во еден момент безбедносниот возач морал да интервенира. Вратите на паркирано комби ненадејно се отвориле, по што роботаксито нагло закочило и се вклучил аларм. Возачот веднаш го презел воланот, иако од „Вејв“ тврдат дека и системот со вештачка интелигенција можел самостојно да се справи со ситуацијата.
Повеќе од 100.000 жители на Лондон изразиле интерес да се возат во автономно такси. Сепак, целосно самоуправувачките возила без човек зад воланот најверојатно нема да бидат дозволени пред 2027 година, бидејќи британските власти најавуваат строги безбедносни проверки пред нивното пошироко воведување.
