На секоја провокација, закана и деструкција од СДСМ нашиот одговор е работа, многу проекти и заштита на интересот на граѓаните и државата. Тоа е одговорноста што ја имаме пред граѓаните, ја исполнуваме, а така и ќе продолжиме, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во обраќањето на денешната промоција на нови мерки од програмата на партијата за младите.
Груевски оцени дека политичките противници на ВМРО-ДПМНЕ целото време го трошат за обвинување, задкулисни сценарија, манипулирање и скандали. Политичката гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ, пак, наспроти тоа на долги работни состаноци, како што рече, обмислува интензивно со часови создавала и пишувала проекти за граѓаните со внимание што било целосно насочено како да создадат нешто повеќе и да го реализираат претходно ветеното.
Според Груевски, барем десетина од времето политичките противници да го посветеле на нешто корисно продуктивно ќе излезело нешто прифатливо и применливо.
– Разликата меѓу нив и нас е очигледна и повеќе од видлива. Нивната деструкција нема на народот да му ги реши проблемите, работата и проектите се тие кои носат решение. Нивната деструкција е за спас на нивните политички кариери, но исто така треба да им е јасно колку СДСМ да се труди да ја носи државата наназад и во поголема криза, ние имаме одговорност да ја носиме напред кон сигурна иднина. Таа одговорност ја имаме пред сите граѓани и ќе ја исполниме, рече Груевски.
На изборите, порача, народот одлучува, а Македонија, како што рече, ќе ја победи и оваа наметната криза од СДСМ. Наведе дека е убеден во тоа затоа што верувал во силата на народот.