Градоначалниците на општините од Североисточниот плански регион на денешниот состанок во Куманово со Центарот за управување со кризи побараа превентивно и координирано делување на државните институции и органи за заштита од поплавите.
Целта на состанокот, според надлежните од Центарот за управување со кризи е обезбедување постојана координација меѓу надлежните субјекти на државно ниво и единиците на локалната самоуправа.
– Превенцијата е значајна за да можеме навреме се справиме со можните ризици, вториот сегмент е раното предупредување за кое ЦУК има одредено надлежности во брзо јавување за наидувачка опасност на теренот и третата е справување со ризикот, опасноста која настанала и каде што брзото и ефикасно делување на здружените сили и на централната и локалната власт би значело побрзо и ефикасно справување, изјави Душко Петровски, раководител на Секторот за операции и координации од ЦУК.
Градоначалникот на Кратово Мите Андоновски ја оцени денешната средба како конструктивна и побара почесто одржување на вакви состаноци, бидејќи градоначалниците, подвлече лично ги кажуваат проблемите со кои се соочуваат.
– Проблемите се речиси идентнични во сите општини, пожари, поплави и свлечишта. Дадовме конструктивни предлози превентивно да се делува, што ќе придонесе со помалку средства да се спречат, отколку кога ќе настанат и кога се потребни повеќе средства да се решат, изјави Андоновски.
Градоначалникот на општина Старо Нагоричане, Милован Стојковски смета дека е потребна засилена координицација помеѓу државните и институциите кои се под ингеренција на локалната власт, со посебен акцент на противпожарните друштва. Потребни се обуки, смета Стојковски и посета на критични точки во самите општини за да се превенираат поплавите кои би можеле да се случат во пролетните месеци.
– Да се најдат услови и да се направат акциони планови кои ќе дадат резултати за подолг временски период конкретно за чистење на реките, рече Стојковски.
Градоначалниците од шестте општини сметаат дека заклучоците ќе бидат пренесени до институциите и ќе се преземат конкретни чекори кои ќе придонесат за етапно решевање на проблемите. Од ЦУК најавија дека проблемите кои ги изнесоа градоначалниците во наредниот период ќе бидат разгледани и согласно можностите, органите на државата ќе ги решаваат заеднички со ресурсите со кои располага и централната и локалните власти.