Во натпреварот за најдобри производители на вино и ракија, организиран од демиркаписката локална самоуправа и Центарот за едукација и вмрежување во туризмот, во категорија вина првото место го освои Блажо Петров, а за ракија Зоки Трајков.
Стручното жири од професоналните енолози во состав Андон Крстевски од винарија „Стоби” како претседател, Влатко Анчев од винарија „Повардарие” и Ристе Михајлов од винарија „Дудин”, по извршената дегустација и бодување на мострите, второто место во категорија вина му го додели на Зоран Атанасов и трето на Христијан Петровски. Во категорија ракија второ место му припадна на Петар Стојковиќ и трето место на Стојков Сашко.
– Едно од најинтересните случувања во деновите на традицијата е натпреварот за најдобро домашно вино и ракија. И овој натпревар станува своевидна традиција која годинава се одржа по шести пат. Забележлив е од година во година се поголемиот интерес за земање учество во натпреварот.Оваа година се натпреваруваа рекорден број на натпреварувачи. Во категорија вина беа пријавени 51, а во категорија ракии, 30 мостри, информираа денеска од Службата за односи со јавноста при општина Демир Капија.