Екипата на Куманово оствари победа над Карпош Соколи со 94:90 во првиот од двата дерби натпревари од 17.коло во Првата македонска кошаркарска лига.
На средбата одиграна вчеравечер во СЦ „Борис Трајковски“ гостинската екипа до триумфот стигна со одличната игра во последната четвртина која ја доби со 33:26.
Пет кошаркари кај Куманово натпреварот го завршија со двоцифрен број на постигнати поени, а најмногу имаше Жарко Ракочевиќ – 20. Македонскиот репрезентативен тандем Трајковски-Костовски искомбинираа 37 поени, од кои Бојан Трајковски покрај 19 поени имаше и 8 скокови, а Александар Костовски на 18 поени додаде и 7 асистенции.
Вториот дерби дуел, меѓу градските ривали Работнички и МЗТ Скопје Аеродром на програмата е утре во салата „Градски парк“ со почеток од 19 часот.
На првите две средби од оваа рунда одиграни во саботата, Фени Индустри убедливо го победи Бест со 93:74, додека Кожув славеше на гостувањето кај Струмица со 90:74.
Табела: МЗТ Скопје Аеродром 15-1 (победи-порази), Карпош Соколи 13-4, Куманово 12-5, Фени Индустри 10-7, Кожув 8-9, Работнички 6-10, Струмица 3-14 и Бест 0-17.