Екипите на Металург во машка и Макпетрол во женска конкуренција, се победници на Државното сениорско карате првенство кое се одржа во Скопје.
Во финалето во машка конкуренција, победникот беше решен по дополнителниот дуел во кој Мартин Несторовски на поени 6:2 го совлада Симон Антиќ и му ја донесе титулата на Металург.
Во женска конукренција, пак, трофејот го освоија каратистките на Макпетрол, во состав: Сара Радичевска, Симона Заборска, Наташа Стефановска и Моника Стефановска, комплетирајки ја доминацијата од поединечна конкуренција.
Најпријатно изненадување на беше јуниорот Петар Спасеновски од Металург, кој во категоријата до 84 килограми стигна до титулата откако во финалето славеше со 4-1 против фаворитот Бесарт Јакупи.
Во категорија над 84 килограми, Мартин Несторовски триумфираше против Жарко Арсовски со поен на четири секунди пред крајот, а во категоријата до 60 килограми, титулата ја однесе Емил Павлов, кој во финалето со 4-0 го победи Шабан Муртеши.