Друштвото на писателите на Македонија денеска на годинашните добитници ќе им ги врачи петте награди за најдобри остварувања во 2015-та, на свечен собир по повод својот 69-ти роденден.
Годинашни лауреати се писателите: Оливера Николова која ја доби наградата „Стале Попов“ за прозната книга „Кадифената покривка“; Славе Ѓорго Димоски – награда „Ацо Шопов“ за стихозбирката „Јазичен триптихон“; Весна Мојсова-Чепишевска – награда за есеи и критика „Димитар Митрев“ за книгата „Семеен албум“; Велко Неделковски – награда за литература за деца „Ванчо Николески“ за „Златко – Златец“ и Јусуф Едип, кој доби награда „Книжевен мост“ за најдобра книга на некој од јазиците на националностите, за стихозбирката „Прашинка“ објавена на турски и на македонски јазик.
Друштвото на писателите на Македонија е формирано на 13 февруари 1947 година од писателите: Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов. Прв претседател на ДПМ бил Блаже Конески.