Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска попладнево се сретна со висока делегација од Чешката Република, предводена од министерот за надворешни работи на Чешката Република, Лубомир Заоралек во којашто беа и Штефан Филе, специјален пратеник на министерот за ОБСЕ и Југоисточна Европа, поранешен еврокомесар за проширување, заменик министерот за внатрешни работи на Чешка, Јири Новачек, амбасадорот на Чешката Република во Република Македонија, Мирослав Рамеш.
На средбата се разговараше за актуелната политичка ситуација во Македонија, потребата за фер и демократски избори во Македонија, ризиците доколку Македонија не добие Влада со полн легитимитет на престојните предвремени парламентарни избори.
Изразена е поддрша на заложбите за кредибилни подготовки за фер и регуларни избори и е нагласена потребата од избор на стабилна Влада којашто ќе обезбеди стабилност и на Република Македонија.
-Само низ фер и демократски избори може да се избере Влада признаена од сите граѓани и политички субјекти во Македонија и само таква Влада ќе овозможи нормализација на институциите, стабилизација на државата и справување со актуелните предизвици. Без прочистен Избирачки список и обезбедување услови за објективно известување од медиумите не се можни регуларни избори, рече претседателот Заев.
Тој соопшти дека СДСМ верува во независната институција ДИК и според Држаната изборна комисија, во идеални услови Избирачкиот список може да се прочисти межу 85 и 90 дена, поради што нема ни законски услови за избори на 24 април.
-Неколку месеци доцнеше формирањето на ДИК, а регулацијата на медиумите што според Договорот од Пржино требаше да се договори до крајот на август сеуште е отворено прашање. Доколку изборите не бидат фер, тоа може да и нанесе штети на државата, рече заменик претседателката Шекеринска.
На состанокот се разговараше и за бегалската криза и за потребата од затворање на прашањата што ја кочат Македонија на патот кон ЕУ, како што е проблемот со правото и правната држава во Р.Македонија.