Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска изјави дека случајот со неспроведувањето мониторинг врз безбедноста на храната од мај до септември минатата година, кој, како што наведе, вчера го потврдија заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, мора да се расчисти, а надлежните треба да понесат одговорност.
Според него, Законот за безбедност на храна е дециден. Членот 86 дефинира дека „активностите поврзани со официјалните контроли се извршуваат со користење соодветни контролни методи и техники како што се мониторинг, надзор, верификација, инспекција, земање примероци и вршење анализи“.
– Скандалот е уште поголем зашто половина година се криел од јавноста. Притоа никој не бил поштеден. Не се испитувала ниту храната за доенчиња, храната за медицински цели, како и лесно расипливите продукти бидејќи токму мониторинг-програмите предвидуваат испитувања на овие производи во летните месеци, рече Николовски.
Контролата на храната, додаде, е само дел од мониторинг-програмите, но без земање примероци и вршење анализи, како што рече, не може да се знае состојбата со безбедноста на храната.
– За да може сточарот да знае дали има бруцелоза во стадото мора да се земе крв од добитокот и да се даде на анализа во лабораториите. Не постои друг начин на контрола, рече дополнителниот заменик-министер Николовски.