Македонско-косовската граница ќе се минува со биометриски лични карти

Од:

Соработката со соседните земји, мирот и стабилноста во регионот и интеграцијата во ЕУ и НАТО, се заеднички приоритети на Македонија и на Косово, истакнаа по денешната средба во Приштина македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и косовскиот заменик-премиер и шеф на дипломатијата Хашим Тачи.

– Косово и Македонија споделуваат заеднички вредности и интереси и ќе бидат партнери во напорите за интеграција во ЕУ и НАТО. Работиме и на заеднички инфраструктурни проекти, како и во областа на енергетиката, изјави Тачи.

Нагласи дека Македонија е важен партнер за Косово, како на економски така и на политички план, додавајќи оти изградбата на автопатот Приштина – Скопје ќе придонесе за уште посилно поврзување меѓу двете земји.

– Интерес на Косово и на целиот регион е Македонија што поскоро да стане дел од НАТО, а целиот регион да продолжи да се движи кон интеграција во ЕУ, рече Тачи.

Повтори дека Приштина го поддржува целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор. Најави дека Приштина и Скопје ќе ја продлабочат соработката и во борбата против екстремизмот и радикализмот, како и во справувањето со актуелната мигрантска криза.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски ги оцени билатералните односи како срдечни и добри. Очекува договорите што ги имаат склучено Скопје и Приштина да бидат преточени во конкретни проекти во областа на економијата, образованието, науката, безбедноста, инфраструктурата, културата…

Попоски посочи дека во интерес на Македонија е да го има Косово како стабилен и просперитетен сосед.

Попоски и Тачи денеска во Приштина потпишаа договор за прекугранично движење на граѓаните на двете земји со биометриски лични карти, како и за отворање на граничниот премин Белановце – Станчиќ.

Двајцата министри оценија дека овие договори ќе бидат од корист на граѓаните и на бизнисите од двете земји, а ќе овозможат и зголемена размена на искуства меѓу младите, како и интензивирање на економската соработка. 

Би можело да ве интересира

Засега нема македонски државјани што побарале помош или евакуација од Либан

Бугарското МНР за знамињата на средбата меѓу Сиљановска Давкова и Радев: Посетата не беше официјална

На бугарскиот амбасадор Желјаско Радов му била укажано за отстапувањето од договорениот протокол

Предраг Петровиќ

Демаршот на бугарскиот амбасадор ќе биде врачен од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот Муцунски

Македонската амбасадорка во Софија повикана во бугарското МНР поради изјавите на вицепремиерот Николоски

МНР: Коридорот 8 е од стратешко значење, но важна е и подготвеност за соработка на Бугарија