Вкупно 557 илјади граѓани во земјава, или една четвртина од населението, во 2010 година живееле во сиромаштија. Според податоците на Државниот завод за статистика во 2010 година, стапката на сиромашни лица во земјава изнесуваше 27,3 отсто.
Анализирани по типови на домаќинства, најранливи се домаќинствата на двајца возрасни со три и повеќе издржувани деца, при што 36,5 отсто од лицата кои живеат во такви домаќинства се сиромашни. Според најфреквентниот статус на економска активност, стапката на сиромашни невработени лица изнесува 50,6 отсто, додека стапката на сиромашни вработени лица е 9,9 отсто.
Доколку од вкупните расположливи приходи на домаќинствата се исклучат социјалните трансфери каде што се вклучени и пензиите, тогаш стапката на сиромашни лица е 42,8 отсто, доколку, пак, се исклучат само социјалните трансфери, таа изнесува 30,5 отсто, додека стапката на сиромаштија со вклучени социјални трансфери и пензии изнесува 27,3 отсто.
Бројките се поразителни. Најтешко живеат домаќинствата на двајца возрасни со три и повеќе издржувани деца. Сиромашни се 36,5 проценти од лицата кои живеат во такви домаќинства.Дури 40 проценти од населението не може да ги плаќа обврските, 29 проценти од населението не се во состојба да го загреваат својот дом.
Државниот завод за статистика за првпат ги пресметува и ги објавува меѓународно споредливите податоци за сиромаштијата за 2010 година. Тоа се таканаречените Лаекен индикатори за сиромаштија базирани на Анкетата за приходи и услови за живеење која е спроведена според препораките на Европската унија.