Зинедин Зидан пред еден месец седна на клупата на Реал Мадрид откако го замени Рафаел Бенитез, а како што пренесуваат медиумите во Шпанија тој во Реал Мадрид ќе остане до јуни 2018 година.
Како што објавува „Марка“ Зидан потпишал договор во времетраење од две години, колку што траеше и неговиот претходен договор со Кастиља (втор тим на Реал Мадрид).
Воедно Зидан добил и зголемување на платата, иако воопшто не преговарал туку ја прифатил понудата на „кралскиот клуб“. Пред да седне на клупата на Реал Мадрид Зидан беше тренер на Кастиља една и пол година.
Реал Мадрид се наоѓа на третото место на табелата во Примера со 47 бодови, еден помалку од Атлетико Мадрид (второ место) и четири помалку од Барселона која е лидер на табелата.