Со пригодна програма општина Струмица денеска ја одбележа 144-годишнината од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. Пред неговиот споменик на истоимениот плоштад, цвеќе положија преставници на општина Струмица, општинскиот сојуз на борците, политичките партии, јавните институции, основните и средните општински училишта. Пред почитувачите на Гоце Делчев, за неговиот живот и дело зборуваше Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.
-Љубовта и почитта кон татковината и нејзината историја повторно не собраа на едно место, а кога татковината и нашата историјата се во прашање, тогаш за нив е невозможно да се зборува без да се истакне името на најголемиот меѓу големите, гордоста на сите генерации Македонци, Гоце Делчев. Денес е 4. февруари, ден кој секоја година го чествуваме како ден на неговото раѓање. Така било, така е, така ќе остане засекогаш, оти никој не може да остави во македонскиот незаборав толку грандиозно револуционерно дело, и никој не може да го положи својот живот за Македонија, без пред тоа да се роди. Токму затоа, 4. февруари е датум кој е вечно врежан во македонскиот историски времеплов. Се случи тоа во Кукуш, на денешен ден во 1872 година, или поточно на 23. јануари по стариот, или на 4. февруари по новиот календар. Се случи голема радост во домот на кукушкото семејство Делчеви. Се роди нивното трето од вкупно деветте деца, но прво машко. Среќните родители, тогаш не можеле да знаат дека со раѓањето на нивниот син, се родил најголемиот син на Македонија, Ѓорги – Гоце Делчев. Да не се случеше тој 4. февруари, Македонија ќе беше посиромашна за главниот стожер на македонската револуционерна мисла…И денес, кога одбележуваме 144 години од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, треба да знаеме во вистинска смисла на зборот да го почитуваме и негуваме неговото име и дело. Четивото за него треба да го повторуваме, за да го спастриме од заборавот, но и да го пренесуваме од колено на колено и на оние кои доаѓаат по нас. Гоце Делчев и Македонија тоа го заслужуваат. Вистината за нашето минато и вистината за нашата сегашност нека ни го трасираат патот кон нашата убава иднина. Гоце Делчев, бездруго и во таа иднина ќе го има своето заслужено место во меморијата на нацијата и државата македонска, рече Христов.
Во чест на апостолот на македонското револуционерно движење, беше изведена и пригодна програма „Овде и тука, засекогаш“, а во која учествуваа членовите на хорот и рецитаторската секција при основното општинско училиште „Гоце Делчев“ од населеното место Вељуса.