Жена – Дали тоа звучи гордо?

Од:

Ќе направам голем грев ако кажам дека некогаш сум се почувствувала дискриминирана или дека сум била различно третирана заради тоа што сум жена. Веројатно тоа е една од придобивките на социјализмот во кој сум израснала и сум се изградила, како и резултат на домашното воспитување од мајка Драгица. Сепак, имам едно искуство кое е исклучок од претходно кажаното.

Летото, 2001 година, беше грдо лето. Во куќата на мама имавме деца од Тетово кои беа згрижени на „побезбедно“ место. Им пазарев зеленчук од паркингот, кај старата железничка станица. Уште не бев тргнала да си одам, кога ми се здаде едно суштество: „Глупачо, за што ти служи главата? Да се чешлаш ли само?“. Во првиот момент, не ми беше јасно зошто господинот се беше заинтересирал за мојата фризура. Во вториот момент, според остатокот на неговото гласно и шаренолико експозе, сфатив дека сум го прекршила самовоспоставениот финансиски бојкот во неговата глава (која, нели, не служи само за чешлање), односно дека сум пазарела кај Албанец. Верувам дека ќе се воздржеше од патриотската показна вежба, да не бев жена.

Да се осврнеме сега на денешницата и изгубените права на жените. Освен во државните и јавните институции, не сум сигурна дека и во суровиот капитализам, вработените жени имаат исти примања како мажите. Сигурна сум дека работничките по текстилните фирми се ужано слабо платени. Знам дека Ромките не го довршуваат (ако воопшто го започнуваат) образованието и дека се’ повеќе просат по семафорите. Со мали бебенца. Не знам како живеат и работат Албанките и се срамам од моето незнаење.

Нé убедуваат дека еднакво учествуваме во општествените и политичките случувања. Дали се женски организации, унии, хеклачки друштва, единствените места од кои мжеме/мораме да дејствуваме. Зошто на избирачките листи, секој четврт кандидат мора да биде жена? Патем, оваа квота, на некој чуден начин се поклопува со црните статистики за домашно насилство каде што се тврди дека секоја четврта жена е физички злоставувана. Не можам да прифатам задолжителна партиципација, по било која основа, најмалку по родова. Зар не е тоа само потврда дека сме навистина „послабиот“ пол? Кое лицемерие е тоа да се извлекуваат женски имиња од „барабан“ за да се прават вакви или онакви листи, а од друга страна, да немаме ниту една жена за претседател или премиер. Како успеавме да си дозволивме да бидеме декор на бината каде што партиските профитери си го штитат својот џеб и својата фотеља? Во која, сосема извесно, ниту една од нас нема да седне. Зар навистина ни служат главите само чешлање?

Ако судам според последната конференција на Унијата на жени на владејачката партија, нашата женска реалност е прилично поразителна. Видов стотици припаднички на понежниот пол, кои доброволно прифатиле да му бидат филадендрони и фикуси на Груевски. И да климаат со главите и да скандираат и френетично да ракоплескаат на неговите хистерични изливи на гнев, лутина и закани. Кој тоа ми велеше дека ние жените сме полуцидни и поинтуитивни во препознавањето на чувствата кај другите? И похрабри во истапувањето?

Зарем ниедна претставничка од декорот на Груевски не забележа дека човекот е преплашен до смрт? Зарем ниедна не се засрами од неговите зборови дека ќе си ја врател делумно одземената власт, и „на клоци“ ќе ги избркал на сила насадените функционери од опозицијата во власта? Можно ли е да ниедна жена од Унијата да не се почувствува непријатно пред јавно изречената закана дека нејзиниот лидер веќе никогаш нема да дозволел некој да се обиде да дојде на власт во Македонија со помош на „криминалци и фалсификатори, со Чауши, Катици и Вахојтовци?“

Пред нивни очи Груевски ѝ се закани на една жена – на Катица Јанева! На специјалната обвинителка која треба да го расчистува неговиот криминал, тој вети дека ќе ја крене на клоци. А тие му аплаудираа. Му аплаудираа на еден искомплексиран силеџија кој ја има окупирано мојата и нивна држава во сите нејзини сегменти, кој притиснат од фактите, приклештен од меѓународната заедница и фатен во криминал од сопствените граѓани, се обидува да се измолкне од сопствената стапица.

Да се разбереме, Груевски и неговата клика се во неповратно заминување, било со избори на 24 април, било подоцна. Тоа е природна неминовност, затоа што како што бронхитисот не се лечи со аналгин, така и криминалот не се покрива со избори. Покрај тоа, кога маж ѝ се заканува на жена и тоа во присуство и со поддршка на други жени, тогаш веќе станува збор за колективна патологија. При што морам повторно да ги прашам госпоѓите и госпоѓиците со средени фризури од Унијата на Груевски – Дали главите служат само за чешлање?

Гордана Попсимонова

Би можело да ве интересира

Петрушевски: Бизнис интересот на СДС и ДУИ направи граѓаните да плаќаат поскапа струја

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Тренчевска: Кошничката е прескапа, ДПМНЕ да прифати 0% ДДВ на храна и минимална плата 450

СДСМ бара Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и понуди предлози за решавање на кризата во Скопје

СДСМ: Малодушноста на ВМРО-ДПМНЕ блеска посилно од кога било

Град Скопје: Дали најавите на Мицкоски за набавка на нови автобуси се причина за блокадата на Скопје од советниците на ВМРО-ДПМНЕ