Нa Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) од денеска почна тренинг курс „Згради со енергија близу до нула“ кој е дел од проектот „Форум за енергетски професионални вештини“, финансиран од Европската унија преку програмата „Хоризонт 2020“. Курсот е наменет за околу 120 дипломирани електротехнички, машински и градежни инженери и архитекти од Македонија.
Раководителот, професор Властимир Гламочанин, изјави дека проектот произлегува од европската директива која предвидува до 2018 година сите државни згради во земјите на Европската унија да бидат згради со енергија близу до нула (НЗЕБ – Nearly Zero Energy Buildings), односно до 2020 година сите згради да се градат согласно овој стандард.
Според него, во Македонија се градат згради со енергетска ефикасност, но стандардот НЗЕБ е највисокото ниво и, според проценките, осум години е доволен период за поврат на инвестицијата од ваква зграда. Згради со стандардот НЗЕБ веќе се изградени во многу европски земји, како и во соседните Бугарија и Грција.