Во Европа, според чешкиот премиер Бохуслав Соботка, треба да се создаде „резервен граничен систем“ на линијата Бугарија – Македонија, доколку не успее да се зајакне надворешната заштита на Шенген зоната, јави дописникот на МИА од Прага.
Соботка ова го изјави поради потребата од воспоставување на заедничка европска крајбрежна и гранична стража и почитување на договорите од страна на Турција.
Решавањето на миграциската криза, според претседателот на чешката Влада, „лежи“ основно во притисокот за договор меѓу страните во Сирија.
– Без отстранување на војната во Сирија нема да биде отстранета ниту половина од мотивацијата која ја има актуелниот миграциски бран, констатираше Соботка, кој смета дека е потребно да се регулира миграцијата од страна на Турција и да се води борба против шверцерите со луѓе.
Тој смета дека треба да се зајакне надворешната заштита на Шенгенската граница и да се воспостави заедничка европска крајбрежна и гранична полиција.
– Ако ништо од ова не профункционира, мораме на линијата Бугарија – Македонија да создадеме „резервен граничен систем“ да се подготват таму технички мерки, за да бидеме способни да ја регулираме миграцијата таму, доколку не успее регулацијата во Турција, или доколку не успее регулирањето во Грција, рече Соботка.
Тој најави дека Чешка е подготвена да им помогне на останатите и оцени дека при наредните состаноци во Брисел, Чешка ќе притиска за преземање реални чекори, кои ќе помогнат во решавање на миграциската криза.
Според Соботка, за „резервниот граничен систем“ ЕУ не мора да се потпира на Грција поради како што рече проблемот што Грција и Италија речиси не се изјаснуваат каде им е потребна помош.