Холандските министри за надворешни работи и за миграции, Берт Коендерс и Клаас Дијкоф, денеска во главниот град на Чешка, по разговорите со чешките колеги, споменаа дека системот на квотите за прераспределба на бегалците во ЕУ не функционира и сам за себе нема да ги реши проблемите на мигрантите, јави дописникот на МИА од Прага.
Министерот за миграција Клаас Дијкоф истакна дека членките на ЕУ треба да ги почитуваат сите обврски во областа на миграцијата и дека тоа прашање треба да се движи напред, не само со воведување на задолжителните квоти.
Шефот на чешката дипломатија Лубомир Заоралек, на колегите чија земја претседава со ЕУ им повтори дека земјите од Вишеградската група (В4) и натаму ја отфрлуваат обврската за бегалските квоти.
– Не само од мојата уста, беше кажано зошто мислиме дека тоа е работа која не не движи напред. Тоа е систем, кој не може да биде животоспособен, доколку ние не можеме да ги заштитиме надворешните граници, рече Заоралек.
Според Дијкоф, системот за релокација целосно не функционира и ние треба тој процес да се забрзува.
Тој, додаде дека прераспределбата на бегалците не го решава проблемот со миграцијата.
Европската унија, според претставниците на Холандија, земјата- претседавач, мора да се фокусира на исполнување на сите обврски кои веќе се договорени.
Покрај задолжителните квоти, тука спаѓа и функционирање на т.н ,,хот спотови”- мобилни кампови за бегалците, како и постојана заштита на надворешните граници на ЕУ.