Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска оцени дека ресорното Министертсвото и директорот на ЈП Македонски Шуми Жарко Караџоски со вчерашното образложение за извозот на огревното дрво во Грција, ги извртиле фактите и вистината.
Николовски во изјавата пред Министерството за земјоделство изнесе писмени документи или, како што ги нарече, нови докази и фактури за извезеното огревно дрво во Грција, по што повика, министерот Михаил Цветков да поднесе оставка.
Според него, факт е дека во барањето на ЈП Македонски Шуми стои дека се бара извоз на скоро 30.000 метри кубни огревно дрво.
– Факт е дека министерот Цветков одобрил извоз на 29.028 метри кубни огревно дрво. Иронијата да биде поголема, овој извоз Караџовски го бара со образложение дека побарувачката на огревно дрво во Република Македонија во 2015 година се задоволува со домашно производство и има вишок на дрвна маса која може да се извезе, истакна Николовски, додавајќи дека поради реализираниот извоз, голем број семејства пред почетокот на грејната сезона останале без дрвата што ги платиле па биле принудени да дадат дополнителни 4.000 денари за кубен метар од приватните складишта.