Претставниците на ЕУ, Кетрин Ештон и Штефан Филе се загрижени за тоа што и шест дена по одржувањето на парламентарните избори во Украина, не се објавени резултатите.
Тие ги повикаа украинските власти и сите вклучени страни да преземат мерки за што поскоро објавување на резултатите од гласањето.
„Жалбите треба да бидат разгледани брзо и во потполност да се во согласност со правилата и воспоставените процедури“, наведоа Ештон и Филе во заедничкото соопштение.
Набљудувачите оцениле дека изборите биле недоволно транспарентни и дека во текот на гласањето медиумите известувале неизбалансирано. Многубројни беа критиките особено за пишувањето на протоколите и за пренесувањето на изборниот материјал до општинските изборни комисии, кое се вршело на крајно несоодветен начин.
Меѓународните набљудувачи, меѓу кои ОБСЕ, Советот на Европа, Канадската и Полската мисија и ЕНЕМО, чиј генерален секретаријат е Граѓанската асоцијација МОСТ, кој ја координираше мисијата, излегоа јавно на прес конференции и со извештаи дека изборите не се спроведени според меѓународните стандарди.
Централната изборна комисија очекувала дека прелиминарните резултати ќе бидат познати на средината на неделата, меѓутоа и понатаму не е обработен изборниот материјал.
Изборите во Украина се одржаа на 28-ми октомври. Половина пратеници 225, се бирани по партиски листи, а другата половина мнозински.
Според резултатите на основа на 99.84% од обработениот изборен материјал, партијата на Виктор Јануковиќ освоила 29.99% од гласовите, а партијата на поранешната премиерка Јулија Тимошенко 25.53%.