Чешкиот премиер Бохуслав Соботка смета дека бегалците кои ќе извршат кривични дела, автоматски би требало да бидат протерани од Европската унија.
Во својата денешна изјава, како што јави дописникот на МИА од Прага, Соботка не прецизираше каде тие луѓе би биле депортирани.
Тој, ја истакна потребата од нивна интеграција.
– Последните случувања во германските градови покажуваат колку е важен безбедносниот и интеграцискиот аспект на решавањето на миграциската криза, рече Соботка.
Тој, додаде дека е важно и натаму да се инсистира на брзо зајакнување на надворешните граници на ЕУ и да се инсистира на тоа, бегалците да ги почитуваат законите и правилата во земјите каде бараат азил.
– Оние кои не ја ценат понудената помош и ги прекршуваат правилата или дури и вршат кривични дела, би требало автоматски да бидат протерани од ЕУ, оцени Соботка.
За депорација на осудените бегалци се изјасни и германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел, кој рече дека тие треба да бидат вратени во земјите од каде потекнуваат.
Германското федерално Министерство за внатрешни работи потврди дека меѓу 29-те странци, кои биле приведени заради сомневање за учество во сексуалните напади врз жени за време на новогодишната ноќ во неколку германски градови, имало и 18 баратели на азил.
Поради тие настани беше разрешен шефот на полицијата во Келн.