Божикна порака на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г.Стефан

Од:

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан упати божикна порака по повод претстојниот празник Рождество Христово – Божик.

– Настанот од она рано утро во Витлеемската пештера е исполнување на сите надежи и очекувања, на сите пророштва и ветувања низ вековите. Во тој настан се содржи сета вера на претходните, на сегашниве и идните генерации. Голема е таа тајна: на тој ден се сретнавме, Го видовме Бога и Го примивме Бога. Бог постана човек – не престанувајќи да биде Бог, за да може човекот да се обожи – не престанувајќи да биде човек. Бестелесниот Бог прими човечко тело, Невидливиот постана видлив, Надвремениот означи начало на новото време, Синот Божји постана – Син човечки. Со Христовото рождество, за родот човечки се отвори рајот, небесата се распростреа по земјата и небесното се соедини со земното.

Од тој спасоносен настан во Витлеем, па сѐ до денес, Рождеството Христово е празник на небоземната радост во која учествуваат ангелите и праведниците и сите кои се исполнети со спасоносната светлина. И ние како дел од сеправославната заедница, прилика е да се испитаме во верата – и колку ја знаеме и колку ја живееме. Светата Црква, посебно на овој ден, нѐ повикува да покажеме добра волја и да го градиме и чуваме мирот со сите народи. Исполнети со Божикната радост, да учествуваме во јакнењето и на духовното и националното единство меѓу нашиот народ, без разлика каде живееме – во Татковината или раселени по светот. Со своето човекољубие и богољубие да покажеме дека и во нашите души има место за Витлеемскиот Богомладенец.
Прославувајќи го Божик, да им се придружиме на сите кои Го препознаа и примија родениот во Витлеем – Предвечниот Бог. Христос се роди! Честито и од Бога благословено Новото Лето!, стои во божикната порака на г.г. Стефан.

Би можело да ве интересира

Игуменот Георгиј е нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија

Горан Наумовски

ВМРО-НП: Дали Македонската православна црква го слуша гласот на своето стадо или работи по диктат од надвор?

Струмичка православна епархија: Измамничка шема на профилот на Библиска Македонија

Српскиот патријарх Порфириј: Одлуката за МПЦ беше најспасоносна и најдобра, и за нив, и за нас, за сите

Предраг Петровиќ

Г.г. Стефан: Ништо друго не може да ни даде сила и утеха освен надежта во воскресението

МПЦ-ОА замолува за достоинствено и христијанско однесување на погребите