Саудиското Министерство за надворешни работи го нарече Иран „бесрамна земја“, која го поддржува тероризмот и работи против стабилноста во регионот, откако во Техеран се одржаа протести против егзекуцијата на шиитскиот духовен лидер Нимр Бакер ал Нимр.
– Иранскиот режим е последниот режим во светот, кој може да обвинува други земји за поддршка на тероризмот и покрај тоа што тој самиот го поддржува тероризмот и од таа причина беше прекоруван од Обединетите нации и од голем број земји, изјави портпаролот на Министерството.
– Иранскиот режим е бесрамен кога говори за човековите права, а минатата година егзекутираше стотици Иранци без јасна правна рамка, додаде тој.
Ријад соопшти дека иранскиот амбасадор бил повикан во Министерството за надворешни работи, каде му била врачена протестна нота поради „агресивните реакции на Техеран во врска со егзекуцијата на шиитскиот верски лидер“.