Во Скопје утре ќе бидат презентирани резултатите од тригодишниот регионален проект „Женското претприемништво – мотор за создавање работни места во Југоисточна Европа”.
Проектот се спроведуваше од 2012 до 2015 година, а во него, освен Македонија, беа вклучени и Србија, БиХ, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Турција и Молдавија.
Во заклучоците од направените истражувања, меѓу другото, се става акцент на младите жени, девојките, и се укажува на потребата од нивно вклучување во техничките и природните науки, посебно ИТ секторот.
– Младите жени претставуваат моќен потенцијал за светската економија, стои во завршниот документ на проектот чии носители беа Регионалниот центар за претприемничко учење на земјите од Југоисточна Европа и Иницијативата за одржлив развој, под координација на Советот за регионална соработка.