Попоски: Македонија и Бугарија можат да бидат добри соседи

Од:

Убеден сум дека можеме да вложиме уште повеќе напор во зајакнувањето на европската димензија и добрососедските односи помеѓу нашите две земји, а тоа можеме да го постигнеме почитувајќи ги меѓусебните чувствителности, му напиша министерот за надворешни работи Никола Попоски на својот бугарски колега Николај Младенов.

Како што информира МНР, Попоски во писмото истакнал дека е задоволен од постигнатото ниво на соработка во повеќе области од заеднички интерес.

Согласувајќи се дека историјата треба да им се остави на историчарите, тој предложил формирање заедничка комисија на историчари за разгледување историски прашања, што ќе претставува чекор напред во унапредувањето на односите меѓу Македонија и Бугарија.

На шефот на бугарската дипломатија Попоски му предложол и заемно посветување на меѓуграничната соработка заради поврзување и заедничка иднина на граѓаните од двете земји.

– Инвестирањето во меѓуграничната инфраструктура претставува инвестиција во подобра иднина и подобри соседски односи во европски контекст. Тоа го очекуваат граѓаните на двете страни од границата, пишува Попоски во писмото. Притоа посочува дека Република Македонија годинава потпиша договор со ЕБРД за финансирање на проектот за реконструкција на Коридорот 8, што ги поврзува двете земји, а од македонска страна инфраструктурно целосно е уреден новиот граничен премин Клепало, што би требало да ги поврзе Берово и Струмјани и да ја олесни комуникацијата на граѓаните од овој регион.

– Од стратешки интерес на регионот е тој целосно да биде интегриран во евроатлантските структури. Вашата поддршка во овој контекст е од исклучително значење за нас. Нашите две земји споделуваат заедничка визија, пишува Попоски, потенцирајќи дека Република Македонија очекува погласна поддршка од Бугарија по објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија и препораката за почеток на преговорите со Европската унија.

На крајот од писмото Попоски го поканил Младенов да ја посети Македонија и заедно да дискутираат за европска агенда на нашата држава и да продолжат да ги унапредуваат добрососедските односи.

Би можело да ве интересира

МНР: Солидарни сме со семејствата на жртвите и со народот на Црна Гора во ова тешко време

МНР: Погодена е и зградата каде се сместени шест амбасади, меѓу кои и на Македонија

Горан Наумовски

Фрчкоски до Муцунски: И од неискусен министер е сепак премногу наивно и манипулативно за јавноста

Горан Наумовски

МНР најави кадровски решенија за испразнетите амбасади и конзулати

Горан Наумовски

Засега нема македонски државјани што побарале помош или евакуација од Либан

Бугарското МНР за знамињата на средбата меѓу Сиљановска Давкова и Радев: Посетата не беше официјална