Во отсуство на претставници од двете организации за колективно управување на авторските права, здруженијата ЗАМП И ММИ, попладнево се одржува јавна дебата со цел да се подобри имплементацијата на Законот за заштита на авторските и сродни права (ЗАПСП) и низ конструктивен дијалог на сите засегнати страни да се креира поволен амбиент за остварување на правата на авторите.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на отворањето на расправата рече дека е разочарана од бојкотот на двете организации кои биле поканети, а со недоаѓањето на расправата ги игнорираат интересите на авторите за кои имаат дозволи (лиценци) да ги застапуваат.
– Разочарана сум од тоа што ЗАМП и ММИ денеска не присуствуваат на оваа дебата. Таа е организирана да ги слушнеме мислењата и сугестиите на здруженијата за колективно управување кои со отсуство демонстрираат неодговорен однос кон своето членство и неподготвеност за дијалог. И покрај нивниот бојкот и неприсуство на дебатата, како Министерство сме отворени за средби, соработка и разговори, рече Канческа-Милевска.
ЗАМП и ММИ не ја исполниле обврската да инсталираат систем за електронско евидентирање и обработка на податоците за емитуваните авторски дела во радијата и телевизиите, со кој точно ќе се знае кој автор кога и колку пати е емитуван и врз основа на тоа ќе му се пресметува надомест. Софтверот треба да воведе ред и транспарентност во исплатата на надоместоците за авторите, нивни рамноправен третман и правна сигурност. Поради сложеноста на системот, на ЗАМП и на ММИ им беше продолжен за една и пол година рокот за негово инсталирање во радијата и телевизиите, и наместо во април 2014, рокот заврши на 30 септември 2015.
– Иако организациите за колективно управување претходно се согласија и го прифатија законското решение за софтверот, не ја исполнија законската обврска и не инсталираа функционален софтвер на електронска евиденција, што е директна штета на авторите и изведувачите, рече Канческа-Милевска на отворањето на дебатата.
Соопшти дека според извештајот на Комисијата за посредување, ЗАМП го инсталирал системот кај 126 радио-телевизиски организации, а кај 20 поради одредени околности системот не е ставен во функција. ММИ, пак, не ја спровел законската обврска затоа што системот го инсталирал на начин кој не е во согласност со ЗАПСП и со Правилникот за обликот, содржината и техничките карактеристики на системот за електронска евиденција.
Информираше и дека Владата неодамна дала негативно мислење за годишниот ревизорски извештај за работата на ММИ за 2014 година затоа што за тековни потреби за своето работење потрошил 82 проценти од вкупниот износ на собрани надоместоци од корисниците, Тоа е спротивно на законот кој за таа намена дозволува да се користат најмногу 15 отсто од собраните надоместоци, а останатите мора да им ги распредели на изведувачите и авторите. Во тек е надзор и на работата на ЗАМП по што ќе следува годишен извештај. Поради тоа, Канческа-Милевска апелираше до авторите активно да се борат за своите права и да го бараат тоа што им припаѓа.
Канческа-Милевска соопшти дека во тек е постапка за донесување нови тарифи на двете организации за колективно управување и дека до Комисијата за посредување се доставени бројни забелешки од корисниците во однос на тарифата.
До Министерството за култура, како што рече, континуирано стигнувале реакции за своеволно и уценувачко дејствување на организациите за колективно управување во однос на определување нереално високи надоместоци за користење на музика на свадби и други свечени манифестации, кај такси-превозници… Затоа со измени на Законот за авторско право и сродни права, ослободени од користење на авторското дело т.е. од наплата се неколку ранливи категории, како занаетчии, одморалишта и планинарски домови, трговски и производствени погони, јавен превоз, такси-возила, зашто е незначителен нивниот приход во вкупниот фонд на организациите за колективно управување.
Министерката за култура укажа дека покрај тоа што се евидентирани овие две здруженија за колективно управување, законот дава можност правата на авторите да бидат управувани и од повеќе други организации, што е наведено во членот 149.