Воденичаров: Нуклеарната енергија е најбезбедна и најмалку загадува

Од:

Нуклеарната енергија е најбезбедна и најмалку загадува, а новите реактори кои се прават во моментов се потполно безбедни. Единствено е важно да се има доволно добро подготвени специјалисти за нуклеарна енергија и државници со визија кои гледаат напред, смета претседателот на Бугарската академија на науките, Стефан Воденичаров.

– Заедно со мојот тим работам повеќе од 30 години на утврдувањето на состојбата на нуклеарната централа во Козлодуј. Задача ни е да ја следиме состојбата на реакторите и на таа тема сме спровеле многу истражувања. Козлодуј во моментов е една од најсигурните нуклеарни централи во Европа. Во функција се петиот и шестиот блок со реакторите ВВР кои се доста сигурни и не се како оние во Чернобил кои беа реактори за воени цели, изјави академик Воденичаров пред почетокот на предавањето на тема „Деградација на металните структури од радијација и влијанието на животниот век на НЕЦ „Козлодуј“ во Македонската академија на науките и уметностите.

Тој прецизира дека првите четири блока на Козлодуј се затворени пред 15 години како услов Бугарија да влезе во Европската унија.

– Тоа се здрави реактори, но ги затворија иако има такви реактори во Унгарија, Словачка и Украина кои се уште работат. Во Скопје специјално сакам да ги покажам методите со кои работиме, но и да зборувам за четирите блока од НЕЦ „Козлодуј“ кои се затворени и за кои се докажа дека се здрави, потенцира академик Воденичаров.

Прашан што стана со проектот „Белене“ рече дека во моментов се водат разговори со Вестинг Хаус за изградба на еден блок со безбедни реактори со нови технологии.

– Имаше предлог од Бугарската влада во изградбата да се приклучи и Македонија што би било прекрасно. Сметам дека нема ризик за тоа, бидејќи доколку има добри трговски договори полтиката не може да влијае. Воедно лично сметам дека веќе нема да се повторат глупостите кои се правеа во политиката пред неколку години, рече академик Воденичаров.

Академик Глигор Каневче, раководител на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ, пак, смета дека во овој момент тешко може да се зборува за градба на нови капацитети за производство на електрична енергија, особено за реактори.

– Нема соменж дека се сигурни реакторите од сегашнава генарација, а особено оние што треба да следат од новата четврта генерација. Се очекува новата генерација покрај исклучителната сигурност да има и многу малку нуклеарен отпад и да се произведуваат и реактори со помала моќност соодветна и за помали земји. Проблемот засега е во нивната цена заради исклучително ниската цена на електричната енергија на пазарот поради што не се исплаќа да се инвестира во капацитети за производство, изјави академик Каневче.

За предлогот и Македонија да се вклучи во изградбата на НЕЦ „Белене“, академик Каневче смета дека земјава нема можности да инвестира големи средства во странство.

– Мој личен став е дека во овие простори вложувањата на една држава во друга држава не се покажаа како корисни. Дури две поразвиени земји од нас како што се Словенија и Хрватска со тешки маки ги решаваа проблемите со нуклеарната централа која одамна е исплатена, а камоли да се гради нова сега. Тоа е многу сложен процес и ние немаме толку богати компании спремни да вложуваат големи средства за инвестиции во странство, напротив сакаме други кај нас да инвестираат, рече академик Каневче.

Евентуална голема хаварија од атомските централи во соседството, според академик Каневче, е многу тешко да се очекува.

– Не очекувам дека може било што позначајно да се случи што би имало влијание и во Македонија. Тешко може да се зборува денеска за крупни хаварии какви што во минатото се случија две. Козлодуј под притисок на ЕУ ги затвоори сите реактори кои беа постари, а двата кои работат се од поновата генреација, рече академик Каневче.

Би можело да ве интересира

Пратениците во новиот бугарски парламент не се договорија за претседател

Борисов: Победата на ГЕРБ-СДС е дефинитивна, се обврзавме да формираме влада

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Сиљановска Давкова: Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот

Горан Наумовски