Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром, очекувано славеше победа против Струмица во меч од Првата македонска кошаркарска лига.
Во заостанат натпревар од 8.коло одигран вечерва во Струмица, екипата на МЗТ Скопје ја победи Струмица со 67:86 по четвртини 19:20, 18:26, 17:21 и 13:19.
Петмина кошаркари во редовите на МЗТ Скопје постигнаа двоцифрен број на поени, а најмногу Марко Љубичиќ кој средбата ја заврши со 16 коша. Марко Луковиќ реализира 14, Ѓорѓе Дреновац беше стрелец на 12, а по 10 поени придодадоа Љубомир Младеновски и Немања Протиќ.
По десет одиграни кола, МЗТ Скопје се враќа на водечката позиција на табелата со учинок од 9 победи и 1 пораз, пред тимот на Карпош Соколи кој има пораз повеќе (8-2).
По нив, на табелата следуваат: Фени Индустри 6-4, Куманово 5-5, Кожув 5-5, Работнички 4-6, Струмица 4-6 и Бест 0-10.