Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изготви нацрт-методологија за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиски програмски сервиси за време на изборни процеси и ги повика медиумите, политичките партии и сите други заинтерсирани субјекти да се вклучат во јавна расправа.
Според Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик од 10 ноември годинава, Агенцијата има обврска да ја донесе методологијата во рок од 60 дена од донесувањето на овој законик, односно до 8 јануари следната година.
– Имајќи ги предвид кратките рокови за усвојување на документот, сите заинтересирани страни може да достават свои мислења и коментари по нацрт текстот на методологијата најдоцна до 27 овој месец, соопшти денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
За да обезбеди максимална транспарентност на процесот на усвојување на документот, како и повеќе можности сите релевантни субјекти да се вклучат во јавната расправа, Агенцијата најавува дека ќе ја презентира нацрт-методологијата на својот четврти јавен состанок кој ќе се одржи на 22-ри овој месец.
Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги воедно информираат дека нема да вршат надзор врз изборното медиумско претставување на интернет порталите, бидејќи, како што наведуваат во соопштението, не постојат предуслови за тоа.
– Со измените на Изборниот законик од ноември годинава, Агенцијата е задолжена да го следи изборното медиумско претставување, покрај на радиодифузерите и на електронските медиуми (интернет портали). Истовремено, Законикот не го дефинира поимот „интернет портали“, ниту неговиот опфат. Ваква дефиниција, како што е познато, нема ниту во другите домашни закони. Во Република Македонија не постои ниту регистар на интернет портали, како што на пример, има регистри на издавачи на печатени медиуми, на радијата и на телевизиите, наведува во соопштението Агенцијата.
Во настојувањето да утврди што сѐ може да се смета за „интернет портал“ Агенцијата истакнува дека консултирала повеќе извори.
– Според Класификацијата на дејностите што ја употребува Централниот регистар, шифрата на дејност „интернет портали“ опфаќа „работа на веб (интернет)-страници кои користат пребарувачи и одржуваат екстензивни бази на податоци со интернет адреси и содржини кои се во лесно пребарлива форма и работа на други интернет-страници што дејствуваат како портали на интернет, како што се медиумските сајтови (страници) што обезбедуваат периодично ажурирана содржина“. Од Класификацијата и од дефинициите на поимот во стручната литература, се гледа дека станува збор за термин со далеку поширок опфат отколку лаичките претпоставки за него. Од друга страна, со сопствено истражување преку Интернет дистрибутивниот систем на Централниот регистар на Република Македонија, Агенцијата констатираше дека некои од правните лица кои би требало да бидат опфатени во категоријата интернет портали се регистрирани со друга дејност, а некои интернет портали ги издаваат здруженија на граѓани или новински агенции, објаснува Агенцијата.
Сето ова, додаваат од Агенцијата, значи дека од една страна, поради формални причини, некои од субјектите нема да можат да бидат опфатени со мониторингот на Агенцијата, иако имаат исти суштински карактеристики како субјектите што би се нашле во примерокот. На ваков начин не може да се обезбеди праведен и правичен пристап во основата на мониторингот. Агенцијата за за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги наведува и дека во европската регулаторна практика не успеала да најде примери за мониторинг врз содржините на интернет медиуми од страна на регулаторни тела, какво што е Агенцијата.
– Мониторингот на Агенцијата, во сите досегашни извештаи на ОБСЕ/ОДИХР од набљудувањето на изборите, никогаш не бил критикуван од аспект на неговата стручност – ниту за методолошката поставеност, ниту за опфатот и реализацијата, ниту за добиените наоди и констатираните прекршувања. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги нема намера да ги жртвува овие клучни аспекти на своето работење и поради тоа одлучи да не врши мониторинг на изборното медиумско претставување на интернет порталите, додека за тоа не се создадат законски услови, се вели во соопштението од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.