Еврокомесарот за дигитална економија и информатичко општество Гинтер Етингер денеска предупреди дека Германија следната година нема да може да прими дополнителни 1,1 милион мигранти.
Етингер нагласи дека поради тоа е неопходно да се обезбеди финансиска помош за Турција, Јордан и Либан за проширување на капацитетите за нивно прифаќање, пренесува ТАСС.
– Германија нема да излезе на крај со дополнителни 1,1 милион мигранти, колку што се регистрирани, втора година по ред. Поради таа причина неопходно е да се инвестираат милијарди евра во Турција, Јордан и Либан, изјави Етингер.
Според него солидарноста на Европа мора да се манифестира не само во квотите за прифаќање на бегалци, туку и со подготвеноста да се финансираат станбени објекти за нивно сместување.
Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезијер претходно истакна дека Шенген зоната нема уште долго да продолжи да постои без заштита на надворешните граници.
Според него затворањето на границите е сосема реално сценарио во блиска иднина, иако поради политички уверувања никој не сака таква мерка.
Етингер смета дека само 10 отсто од германските граѓани се против политиката на прифаќање на мигранти.
– Авторитетот на германската канцеларка Ангела Меркел не е доведен во прашање, мнозинството се уште се лојални на неа, истакна тој.