Четири милиони евра ќе бидат вложени во обнова на патните правци Бошков Мост-Дебар и Мелнички Мост-Центар Жупа, која треба да заврши за една година.
– Патниот правец Мелнички-Мост е во должина од осум километри и инвестиција од 1,2 милиони евра, додека за делницата од Бошков Мост-Дебар која исто така е во должина од осум километри ќе бидат инвестирани 2,57 милиони евра. Рехабилитацијата почна пред неколку дена, а двата правца треба да бидат завршени во рок од една година, изјави денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
Со градоначалниците на општините Дебар, Ружди Љата, на Центар Жупа, Ариан Ибраин и Маврово Ростуше, Мукрем Мехмеди се запознаа со текот на градежните активности.
Мисајловски истакна дека инфраструктурните проекти што се реализираат во Дебарско произлегле од барањата на жителите од овој регион на средбите со премиерот Никола Груевски при неговата посета на овој крај.
– При крај е и рехабилитацијата на регионалниот пат Ново Село до Маврово, кој всушност претставува поврзување со овие два регионални патни правци. Исто така на патниот правец Дебар-Струга се постави нова сообраќајна сигнализација и опрема во должина од 51 километар. Пред почеток на реализација се и други проекти, рече Мисајловски.
Министерот за транспорт информира дека е потпишан договор за санација на три свлечилишта на регионалниот пат Маврово-Дебар кои се очекува да бидат завршени 2016/2017 година.
Во делот на регионалните патишта, рече Мисајловски, во тек на изградба или реконсгрукција се 13 патишта со вкупно 167, 5 километри или инвестиција од 48,9 милиони евра. За следната година планираме изградба и реконстркција на уште 13 регионални правци со вкупна должина од 259 киломтри или инвестиција од 386 милиони евра. Од нив пет се нови ескпресни патишта.
Заедничка оценка на тројцата градоначалници е дека ова е историски ден зашто на рехабилитацијата се чекало со децении. Подобрувањето на патната инфраструктура, истакаа, за жителите од мавровско-реканскиот, дебарскиот регион и Жупа значи и надеж за забрзан економски развој.