Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници од денеска 10 декември, преку поставување на неколку билборди низ центарот на Скопје започнува со кампања, со цел да го одбележи Меѓународниот ден на човековите прсава.
Слоганот на кампањата е „ „… и хомофобите се луѓе“. Целта на кампањата е да и предочи на пошироката јавност дека хомобијата, насилствата мотивирани од омраза и прекршувањето на човековите права на сексуалните малцинства во Македонија претставуваат сериозен проблем за кој се уште отсуствува институционална и системска свест за решавање, односно заштита и почитување на човековите права.
– Со оваа кампања сакаме да ја превртиме вообичаената логика со која се врши пазарање со човековите права на ЛГБТ луѓето, логика во која хетеронормативното мнозинство и хомофобичните конзервативни сили почитувањето на животите и основните човекови права на ЛГБТ луѓето го третираат како условено од сожалување и добра волја од страна на оние кои веќе се привилегирани во доминантно хетеронормативниот систем. Како гест на провокација, сакаме да посочиме дека вистинската потреба во едно демократско општество, какво што Македонија претендира да биде, е потребата хомофобите да се препознаат како индивидуи на кои им е потребна системска помош во надминувањето на сопствените предрасуди и насилство, велат од Коалицијата.
Оваа кампања не се темели на вообичаениот пристап на додворување на хетеросексуалното мнозинство, туку на свртување на вниманието кон хомофобите како луѓе со кои всушност треба да се занимаваат образовните институции и клучните државни актери во спроведувањето на
приниципите на владеење на правото и заштита на човековите права.
Токму со ваквиот пристап се овозможува да се оттргне вообичаената наметната патологизација на нехетеросексуалните луѓе, како помалку вредни и помалку луѓе на кои им треба помош и сожалување, и заслужено да ги обележи хомофобијата и хомофобите како оние на кои им е потребна општествена помош.
Акцијата е направена во соработка со Квир Загреб и дизајнерската куќа Bruketa & Žinić од Хрватска, а на основа на истоимената кампања која тие веќе ја спроведуваа во Хрватска низ повеќе градови пред неколку години.