Новиот француски амбасадор во Тајланд Жил Гаракон во првото интервју што го даде за медиумите во Бангкок најави дека дел од државите на Европската унија немаат исто мислење со сите членки на ЕУ, ниту со САД и Австралија, кои по воениот удар во мај минатата година ги замрзнаа односите со новиот режим во Бангкок.
Амбасадорот Гаракон изјавил дека позитивно гледа на патот што го трасирала воената управа за враќање на Тајланд во демократијата и дека и во сегашната ситуација политичкиот живот во Тајланд не се разликува од позитивните примери на другите држави од југоисточна Азија.
За разлика од францускиот амбасадор, дипломатските претставници на САД и Велика Британија со неколку свои оценки за ситуацијата во Тајланд предизвикаа големо незадоволство, а од министерството за надворешни работи добија „поука“ дека тие не се дојдени во Тајланд да се мешаат во внатрешните работи на домаќините, туку да работат на унапредување на односите на нивните држави со Тајланд.
Сегашниот француски амбасадор во Тајланд се смета за еден од најдобрите познавачи на регионот на југоисточна Азија, каде што над 20 години е дипломат со високи функции. Во Бангкок Жил Гаракон дојде од Манила, каде што четири години беше амбасадор на Франција на Филипините.