Здружението на јавните обвинители во Република Македонија најостро реагира, едновремено давајќи поддршка на отвореното писмо на Здружението на судска администрација на Република Македонија објавено на 03.12.2015 година, а во врска со искажаниот став на директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, г-ѓа Анета Арнаудовска, даден во интервју за МИА на ден 27.11.2015 година. Реакцијата се однесува на искажаниот став на Директорот на Академијата за судии и јавни обвинители каде стручните службеници се оквалификувани како „незаинтересирани да го следат светскиот тренд на постојано континуирано усовршување и едукација“.
Имајќи ја во предвид идентичната положба на јавнообвинителските службеници со стручните судски службеници, нивните истородни права и обврски, како и искажаните и континуирани интереси за дополнително стручно усовршување, потсетуваме дека јавнообвинителските и судските службеници се постојан дел од континуираната обука во Академијата за судии и јавни обвинители, уште од нејзиното основање.
Од овие причини, повторно нагласуваме дека ставот искажан за сите јавнообвинителски службеници, како и стручните судски службеници го цениме како неточен и неправеден.
Здружение на јавните обвинители во Република Македонија