Во Белград денеска почнува 22. состанок на Советот на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), на кој главна тема е соработката на земјите во борбата против тероризмот.
На дводневниот состанок ќе учествуваат над 45 министи за надворешни работи, меѓу кои американскиот државен секретар Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Се очекува Кери и Лавров да имаат билатерална средба во Белград.
Тие се сместени во хотелот „Хајат“, каде се сместени и турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чаушоглу и високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека како актуелен претседавач на ОБСЕ Србија добила мошне големо искуство.
Тој нагласи дека прв пат во поновата историја една земја од Западен Балкан, која беше предмет на набљудување на ОБСЕ, сега е нејзин претседавач.
Дачиќ нагласи дека Србија покажала дека е сериозен играч, кој може да претседава со голема и сложена организација како ОБСЕ и тоа во период, кога таа беше соочена со остри проблеми како ситуацијата во Украина, а потоа со мигрантската криза и тероризмот.
На состанокот ќе се разговара и за соборувањето на рускиот бомардер Су-24 од страна на турската воена авијација, додаде тој, но не можеше да потврди дали ќе се одржи состанок меѓу Лавров и Чавушоглу.
Над седум илјади полицајци, кои се распоредени во пет прстени и снајперисти на покривите на зградите се задолжени за обезбедувањето на учесниците на Министерскиот совет.
Безбедноста на самитот е подигната на највисоко ниво бидејќи состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од ОБСЕ се одржува во време на зајакнати терористички напади и влошени односи меѓу некои земји во светот.
Освен српските безбедносни служби ќе има и специјалци на други држави, а американскиот државен Кери и шефот на руската дипломатија Лавров во Србија пристигнуваат со свое обезбедување.
За безбедноста на Кери ќе се грижат припадници на тајна служба, која во описот на работата ја има заштитата на претседателот на САД, односно највисоките функционери и американската валута доларот. Овие оперативци се единствени, кои имаат право да одбијат наредба на претседателот на САД.
Со Лавров пристигнуваат оперативци на руската Федерална служба за безбедност и тие ќе бидат задолжени само за првиот прстен на безбедноста, додека за останатото обезбедување ќе бидат задолжени домашните служби.
Сите останати функционери се под заштита на српските безбедносни служби и полицијата.