ВИДЕО: Утре ќе штрајкуваат судските службеници

Од:

Судските службеници од сите судови во Македонија, утре од 10,30 до 12,30 ќе излезат на предупредувачки штрајк. Како што информираат од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) и од Здружението на судската администрација, на штрајк излегуваат откако без ефект останале нивните барања до Министерството за правда да се измени Законот за судска служба. Штрајкот е предупредувачки, ќе трае два часа.

– Ние како синдикат, социјален партнер при донесувањето на овој закон, воопшто не бевме информирани, ниту учествувавме во работните групи за подготовка на овој закон. Од моментот на неговото донесување поднесуваме забалешки, организиравме работни средби со Министерството за правда, организиравме и протестен штрајк на 1 мај кој се однесуваше на законот за судска служба. Но нашите предупредувања не беа земени предвид и овој закон останува каков што беше кога се донесе. Незадоволството кај судските службеници е навистина големо и немавме друг избор освен да го организираме овој предупредувачки штрајк заедно со Здружението на судска администрација, вели Трпе Дејановски, генерален секретар на УПОЗ.

Според Синдикатот овој закон е неповолен за вработените, предвидени се големи казни, бил донесен нетранспарентно, за многу кратко време, а во него има демотивирачки елементи во него. Законот е полн со технички грешки и недореченост, што го прави неприменлив.

– Оценувањето е голем проблем, бидејќи според овој закон, 5 отсто од сите судски службеници мора да бидат казнети, а 5 отсто може да бидат наградени. Во тие 5 отсто што ќе бидат казнети – во рок од една година ќе бидат казнети со 10 отсто од платата. Исто така само со една негативна оценка судскиот службеник може да го изгуби работното место. Со две последователни добиени оценки 2, повторно го губи работното место. Ваква одредба ја има само кај нас. Голем проблем е и неможноста за напредување на веќе вработените. Имавме таков случај во Основен суд 2, пред неколку месеци, каде што имаше оглас на кој не можеа да аплицираат веќе вработените, туку беше наменет за нови вработувања, додава Дејановски.

Здружението на вработени во судската администрација, од донесувањето на Законот во април 2014 година, организирало тркалезни маси и форуми, собирало мислења од експерти, имало и средба со министерот за правда, а поднеле и иницијатива до Уставниот суд, за преиспитување на уставноста на ваквиот закон.

– Од сите активност пто ги презедовме произлезе дека овој закон е неприменлив и дека час поскоро треба да се има измени, во кои ќе бидат земени предвид предлозите на Здружението, паралелно формиравме работни групи кои работеа на предлог на измени на Законот, тој текст е доставен до Министерството за правда, но досега немаме разбирање за измени, одлучивме да направиме предупредувачки штрајк за да покажеме дека не се откажуваме од оваа идеја, рече Борче Мирчевски, претседател на Здружение на судска администрација.

Здружението брои 1018 членови, најголем дел од нив утре во текот на 2 часа ќе бидат излезени пред судовите.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Трговците се алчни, прво ги зголемија, па ги намалија цените за да им остане истиот профит обвинува ССМ

Се повеќе пари се трошат на храна, минималната кошница за октомври 1000 евра

Трендафилов: Аргументите за пораст на платите се на наша страна, очекуваме сериозно да се разгледуваат на ЕСС

ССМ: Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии

Горан Наумовски

ССМ очекува благо зголемување на минималната синдикална кошничка

Горан Наумовски