Најмалку 500 лица што работат како рудари, или живеат во околината на рудниците за злато Чатри, на северот во Тајланд страдаат од тешка, смртонсна, болест што ја предизвикува натпросечно присуство на тешки метали во нивната крв. Вниманието на здравствените власти го предизвикаа протестите на локалното население во јули годинава, кога тие се жалеа на условите за живот и работа.
Првото масовно тестирање на 500 жители од подрачјето, одалечено 250 километри од Бангкок, го спровеле стручњаци од Рангси универзитетот, во октомври. Кај сите тестирани е откриено големо и опасно присуство на тешки метали. Неделава е земена крв на уште 500 лица, а од резултатите ќе зависи какви превентивни мерки ќе се преземат за спречување на ширењето на болеста и лекувањето на веќе заболените.
Во Тајланд денеска започна хуманитарна акција за собирање парични средства за помош на населението кое живее во околината или работиво рудниците за злато. Има и најави дека сегашните воени власти во Тајланд пресметуваат колку пари на заболените и на семејствата на веќе починатите ќе треба како оштета да им платат сопствениците на рудниците кои во последниве 10 години остварувале големи профити, но не воделе сметка за заштита на здравјето на локалното население.