Според Мисовски актери од „бомбите“ не треба да членуваат во Анкетна, Бонева демонстративо ја напушти седницата

Од:

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, ја напушти денешната седница на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, откако пратеникот на НСДП, Горан Мисовски, рече дека според него инволвираните актери во содржината на објавените „бомби“ не треба да членуваат во ова собраниско тело. Мисовски го искажа својот став при крај, пред претседателот, Петре Шилегов, да ја прекина расправата и да ја одложи седницата затоа што пратениците не успеаја да се договорат за деловникот.

Откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ јасно кажаа дека се против предложениот деловник и дека бараат дополнителни консултации, Мисовски му се обрати на Милошоски и го праша дали неговата пратеничка група има волја да се расчисти скандалот со прислушувањето.

-Се надевам Милошоски дека нема мене да ми забележите на неискуство во ова Собрание затоа што сме поминале заедно низ многу комисии. Имам право да им се обратам на пратениците и ќе го искористам тоа. Сакам на вас да ви поставам прашање. Имате ли политичка желба да дојдеме до конечни решенија? До сега не сме имале Анкетна комисија со ваков работен наслов, скандал за прислушување. Сега, тука, Павле Саздов ми збори за мејлови, крајно небитна работа. Имаме ли желба. Никој овде нема да биде обвинет, ниту Груевски, ниту Силвана Бонева, ниту Анотнио Милошоски, туку само ќе утврдиме фактичка состојба – порача тој обраќајќи му се на Милошоски.

Мене лично ми пречи, додаде, што членови на Комисијата се и личности инволвирани во содржината на материјалите. На тоа Бонева дофрли прашувајќи што сака Мисовски да каже, а непосредно потоа ја напушти салата каде се одржуваше седницата.

-Но јас тоа не го спорам иако можев да му се пожалам на претседателот. Вие до сега требаше да кажете дека ќе инсистирате на првото сослушување да дојде лично Никола Груевски. Сакам да кажам имаме ли политичка желба да утврдиме политичка одговорност? Ако имаме, ќе дојдеме и до разрешница. Не видов денеска ниту една суштинска забелешка за деловникот. Знаеме како се формираше Комисијата. За несреќа на целиот народ, мораше да проработи црвениот телефон и некој некого да притисне, па ВМРО-ДПМНЕ да предложи членови. Овој пристап од ваша страна, за мене е неприфатлив и некоректен – рече тој.

Додека ВМРО-ДПМНЕ и Шилегов се расправаа дали предлог текстот за деловник на Анкетната комисија е испратен на правите мејлови, пратеникот Ернад Фејзула од ДПА се пожали дека дека пратениците ја малтретираат целата јавност.

-Трите политички партии кои се наоѓаат во власта, не можат да се согласат и да ни го заштедат времето на нас кои сме надвор од овој состав, туку се докажуваат меѓу себе. Договорете се за да не не малтретирате на овој начин и да свикувате седници без резултат. Како три партии од власта не сте успеале да се согласите, треба овде да прекинеме со седницата и да се договорите меѓу себе без овде да се надмудрувате и да не малтретирате нас и целата јавност – порача Фејзула.

По тоа, претседателот на Комисијата ја перкина седницата и ја презакажа за во четврток оваа недела.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Тревога во пет авиони на „Делта ерлајнс“: „Никој нема да преживее“

Горан Наумовски

Поради дојава за бомба, полицијата го евакуира „Сава центарот“

Бомба тешка 250 килограми е пронајдена кај Нова Градишка

Експлозија во судница во Калифорнија, двајца повредени

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Експлозија на лет од Крит: Патниците извикуваа „бомба, бомба, бегајте“