Во врска со терористичките закани во Европа, чешкиот премиер Бохуслав Соботка побара од министерот за внатрешни работи Милан Хованец да обезбеди преглед за безбедноста во Република Чешка и да ги дефинира можностите на земјата во борбата против тероризмот.
Како што објавија локалните медиуми, во подготвениот пакет би требало да има и предлог за формирање т.н. скала на опасност, која би ги утврдувала заканите за земјата и каква би требало да биде реакцијата на нив, јави дописникот на МИА од Прага.
– Министерството треба да ја испита легислативата која ги дефинира нашите можности кои ги имаме во борбата против тероризмот за да се осигура безбедноста на нашите граѓани, изјави Соботка кој се наоѓа во посета на Кина.
Тој, прецизираше дека одредувањето на степенот на опасност, вклучително и адекватните мерки ќе бидат насочени кон зајакнување на безбедноста и превенцијата од можни терористички напади на Чешка.
– Можам да потврдам дека полицијата, како и разузнавачката служба се во интензивен контакт со нашите партнери во европските земји, рече Соботка во врска со актуелната безбедносна состојба.
Соботка, не е изненаден од анкетите во кои се зголемува бројот на чешките граѓани кои се против примање на бегалци во земјата, со оглед на најновите настани во Париз.
– Од друга страна, не можеме да ја ставиме главата во песок и да мислиме дека кога ќе ги затвориме очите, надворешниот свет ќе престане да постои, тоа не може, додаде Соботка, кој смета дека Чешка треба да ја има в предвид јавната безбедност на граѓаните и да ја спои со солидарноста и помошта за луѓето на кои им е потребна.