Кошаркарите на Куманово го забележаа третиот пораз во ФИБА Еврокупот, откако синоќа во 4.коло на домашен терен загубија од Турк Телеком со 84:75.
Сепак, и покрај поразот од турскиот претставник кој важеше за апсолутен фаворит на овој дуел, кумановци се прикажаа во добро издание и до пред самиот крај беа рамноправен противник.
Во последната четвртина се влезе со изедначен резултат 56:56, но домаќините немаа сили за последните десет минути во кои постигнаа 19 наспроти 28 поени на Турк Телеком.
Најдобар играч на натпреварот беше Урош Луковиќ кој средбата ја заврши со дабл-дабл ефект – 22 поени и 16 скока. Александар Костоски реализира 18 поени.
Во гостинскиот состав најефикасен беше Мајкл Џенкинс со 19 поени.
На другиот натпревар од Ј-групата, Роса Радом од Полска ја победи екипата на КТП Баскет од Финска со 95:48.
Табела: Турк Телеком 4-0 (победи-порази), Роса Радом 3-1, Куманово 1-3 и КТП Баскет 0-4.
Во следната фаза одат двете првопласирани екипи. Куманово со евентуални две победи во последните две рунди има шанси за втората позиција.