Нигерскиот претседател Мухамаду Бухари нареди апсење на советникот за безбедност на неговиот претходник, под обвинение за грабеж на повеќе од две милијарди долари.
Поранешниот советник Самбо Дасуки е обвинет за правење „фантомски“ договори за купување оружје за армиските сили – 12 борбени хеликопетри, четири воени авиони и големо количество муниција.
Оружјето требало да се употреби во борбата на армијата со припадниците на исламистичката милитантна група Боко Харам, но хеликоптерите и авионите никогаш не пристигнале.
Нигерската армија која е директно вклучена во борбата со Боко Харам, продолжува да се жали дека нема доволно воена техника и опрема за да се совладаат исламистичките терористи.
Дасуки ги отфрла сите обвинувања, но портпаролот на претседателот Бухари, изјави во Абуџа дека овој „корупциски скандал“ и украдените пари, требало да послужат за борбата со тероризмот, а придонеле за „непотребна смрт на илјадници Нигеријци“.
Групата Боко Харам дејствува во североисточните делови на Нигерија, убивајќи невини луѓе и вршејќи насилство врз локалното населени, во настојувањето да се формира исламска држава со шеријатско право.
Претседателот Мохамаду Бухари се наоѓа на функцијата од мај оваа година, по победата на избирите, поразувајќи го својот претходник, Гудлак Џинатан.
Во својата предизборна кампања, Бухари најавуваше остра пресметка со корупцијата во оваа најнаселена африканска земја, која е најголемиот производител на нафта во Африка.