Не толку атрактивниот атлетски маратон, што се оддржа минатата недела во Бангкок, резултатски и според учесниците не предизвика внимание кога се оддржуваше, но денеска ги полни страниците на медиумите во светот.
Причина е тоа што наместо регуларните 21,1 километари, учесниците на маратонот во Бангкок, во услови на голема влага и температура од 34 степени, истрчале 6,5 километри повеќе.
Грешката е откриена неколку часа по завршувањето на трката, а спортистите и тренерите протестираа изјавувајќи дека тоа е голема срамота.
За колку-толку да се оправдаат, организаторите ветија дека сите учесници и акредитирани новинари како надомест ќе добијат скапи свилени маици со рачно изработени апликации.
Но, еден од учесниците изјави дека не ја сака таа маица, бидејќи, вели, ќе го потсетувала на ужасните болки во колената кога ги трчал последните пет километри од „продолжениот’’ маратон.
Ако може да им биде утеха, маратонците во времето кога трчале имале можност да ги видат најзначајните локалитети на историското и културно наследство на главниот град на Тајланд.