Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун ќе ја посети оваа недела Северна Кореја, јавија јужнокорејските медиуми.
Бан Ки-мун, кој е Јужнокореец, планираше да ја посети Корејската Народнодемократска Република претходно оваа година, но Пјонгјанг го повлече одобрението за негоавата посета во последен момент, без да даде појаснување.
– Генералниот секретар сигурно ќе се сретне со лидерот на Северна Кореја за време на посетата, изјави за агенцијата Јонхап извор од ОН, кој побарал анонимност. Тој не посочи за кој ден е планирано патувањето.
Северна Кореја е предмет на тешки санкции на ОН, САД и Европската унија поради нејзината нуклеарна програма. Генералното собрание на ОН во декември минатата година го повика Советот за безбедност да ја изведе Северна Кореја пред Меѓународниот казнен суд по истрагата на ОН, која откри дека во таа земја се вршат злоупотреби на правата на луѓето, еднакви на ѕверствата од нацистичко време.
Претходно Северна Кореја ја имаат посетено двајца генерални секретари на ОН, Курт Валдхајм во 1979 година и 1981 и Бутрос Бутрос Гали во 1993 година.