Нигериските вооружени сили убиле четири лица, осомничени дека се членови на “Боко харам”, и ослободиле 61 лице, главно жени и деца, кои оваа исламистичка група ги држела во заробеништво во северната држава Борно, соопшти нигериската армија, цитирана од француските медиуми.
Армијата, со поддршка од воздух, извела копнена операција врз камп на „Боко Харам“ меѓу селата Бита и Дамбоа.
„Евакуирани се 61 заробеници, главно жени и деца. Убиени се четворица терористи и еден е приведен“, соопшти армијата.
На 28 октомври нигериската армија соопшти дека ослободила 338 заробеници на „Боко Харам“, меѓу кои 192 деца и 138 жени, во операција исто така во државата Борно.
Засега нема податоци дали меѓу ослободените жени има некоја од 200-те гимназијалки, кои борците на “Боко Харам“ ги грабнаа во април 2014 година, исто така, во државата Борно.
Во востанието предводено од „Боко Харам“ од 2009 година се убиени најмалку 17.000 лица, а над 2,5 милиони се раселени.