Кошаркарската АБА лига ќе добие едно место во новиот формат во Евролигата, а одлуката треба да биде потврдена најдоцна до средината на идниот месец, пренесе Б92.
Покрај тоа, АБА лигата ќе добие уште едно место во квалификациите.
Од сезоната 2016/2017 во елитното кошаркарско клупско натпреварување ќе учествуваат 16 екипи. Според новиот модел од 16-те клубови, 11 би имале А лиценца (Анадолу Ефес, ЦСКА, Армани Милано, Барселона, Фенербахче, Лаборал Куча, Макаби, Олимпијакос, Панатинаикос, Реал Мадрид и Жалгирис), три клубови учесници би биле шампиони на своите држави, а преостанатите два ќе бидат победникот на Еврокупот и победникот на квалификацискиот турнир.
Неофицијално, покрај шампионот во АБА лигата, учество во Евролигата би обезбедил и шампионот на Германија, а за третото место во конкуренција сега се шампионот на Франција, првакот на Полска и победникот во регионалната ВТБ лига.
Претседателот на Евролигата, Џорди Бартомеу, во вторникот на преставниците на 11 клубови им го престави планот, кој е пандан на понудата на ФИБА, по што клубовите решија да останат во Евролигата.